Желјазков: Очекуваме поддршка од ПССЕ за заштита на правата на бугарската заедница во С Македонија
Бугарскиот премиер Росен Желјасков побарал поддршка од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за заштита на правата набугарската заедница во Северна Македонија.
Бугарскиот премиер Росен Желјазков и претсдателот на ПССЕ Теодрос Русопулос / Фото: Веб-страницата на Владата на Р Бугарија
Желјазков ова го потенцирал на средбата со претседателот на ПССЕ, Теодрос Русопулос, соопштија денеска од бугарската влада.
Иако на средбата Желјазков и Русопулос разговарале на повеќе актуелни теми, прашањето за бугарската заедница во земјава и повикот на бугарскиот премиер е посочено во насловот на соопштението објавено на веб-страницата на владата во Софија.
„Премиерот Росен Желјазков, исто така, ја нагласи суштинската улога на ПССЕ во областа на правото, човековите права и демократскиот развој. Премиерот ја истакна важната улога што Советот на Европа треба да ја игра во заштитата на правата на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Желјазков изрази уверување дека нема да се дозволи висок форум како што е ПССЕ да се користи за антибугарска кампања“,се наведува во соопштението.
Желјазков на средбата го запознала претседателот на ПССЕ со приоритетите на неговата влада, наведувајќи дека по четири години политичка криза, Бугарија сега има стабилен кабинет „кој со сигурност може да ја води земјата по нејзиниот проевропски и проатлантски пат“.
„Како членка на Шенген, а наскоро и на еврозоната, Бугарија продолжува да ја зајакнува својата водечка улога во стабилноста и растот во регионот. Овие достигнувања на бугарското општество недвосмислено покажуваат дека нашата земја е еднаква на највисоките европски стандарди“рекол бугарскиот премиер на средбата.
Средбата на Желјазков со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа доаѓа во период кога во земјава се чека на одговор од Софија дали ќе ја прифати иницијативата за средба на претставниците на двете држави на маргините на претстојниот Самит на НАТО во Хаг.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е остварена комуникација со Канцеларијата во Европската комисија во земјава во врска со иницијативата за средба меѓу македонската и бугарската страна и оти има предлог за термин, но се чека на одговор од Софија.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, сè уште немамe повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали остварил комуникација со претседателот на Советот на Европската Унија Антонио Кошта и дали бугарската страна ќе прифати средба.
На Самитот на НАТО Македонија ќе ја претставува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, додека на чело на бугарската делегација ќе биде премиерот на земјата, Росен Желјазков.
Претседателката Сиљановска-Давкова вчера одговарајќи на новинарско прашање изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог (бугарскиот претседател Румен Радев н.з.) не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Желјазков со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг.
Активностите на Желјазков доаѓаат и во пресрет на разгледувањето и гласањето за извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент кое првично требаше да се случи на 4 јуни, но беше одложено за 24 јуни.
Во нацрт-документот, подготвен од известувачот за С Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц, како што наведе тој во интервју за „360 степени“ постојат неколку референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет, момент што предзвика реакции од Софија.