Татковците во Македонија слабо си играат со децата
Во Северна Македонија 57.2 отсто од мајките и само 5.4 отсто од татковците се вклучени во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3 до 4 години. Активностите опфаќаат читање книги, раскажување приказни, пеење песни, излегување надвор со детето, играње со детето, именување на нештата, броење или цртање заедно, покажуваат податоците што ги објави УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на играта.
Оваа несразмерност укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите, особено на татковците, со вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.
„Програмите за родители кои промовираат учење преку игра и позитивно родителство не се само корисни – тие се суштински за спречување штетни практики. Ова е особено важно за Северна Македонија, каде што 73 отсто од децата на возраст од 1 до 14 години се изложени на физичко казнување и психолошка агресија од страна на родителите и старателите“, велат од УНИЦЕФ.
Повеќе од половина од децата не одат во градинка
Дополнителен недостаток, како што посочуваат од УНИЦЕФ, е ограничениот пристап до организирано учење преку игра – помалку од половина од децата на возраст од 3 до 5 години посетуваат предучилишнo образование. Проширувањето на пристапот до предучилишно образование е клучно, а инвестирањето во квалитетни родителски програми го зајакнува раното учење преку поддршка на игривите интеракции дома.
Од УНИЦЕФ посочуваат дека родителството во кое свесно се користи играта за поврзување, учење и развој на детето не е само семејна работа, тоа е општествена инвестиција. Според нив, треба да се овозможи пристап до предучилишно образование и учење преку игра за секое дете од 3 до 5 години, така што ниту едно дете нема да биде лишено од еднакви можности за ран детски развој.
Исто така треба да се промовираат политики и стратегии што се ориентирани кон семејствата: платено родителско отсуство; поддршка за доење; детски додатоци; квалитетни, достапни и прифатливи услуги за деца како што се градинки; и ментална поддршка – за секоја мајка и татко да имаат време, можности и соодветна помош за да обезбедат нега и грижа што ќе го поттикне напредокот и успехот на децата.
Од најраните денови во животот, детскиот развој започнува токму преку игра. Кај бебињата и малите деца, игривите интеракции го поттикнуваат развојот на мозокот и помагаат во градење сигурни емоционални врски. Кај децата од предучилишна возраст, играта нуди можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да градат самодоверба и да постават темели за доживотно учење. „За ранливите деца, играта е од суштинска важност за да почувствуваат вклученост и да ги изразат тешките емоции, а со тоа да отворат пат кон поврзување и исцелување. А, кога родителите влегуваат во интеракција со децата преку игра, го јакнат своето ментално здравје и ја зајакнуваат врската родител-дете. Но, и покрај придобивките од играта во детскиот развој, учењето преку игра недоволно се цени“, велат од УНИЦЕФ.
Извор: DW