Алиу открил 57 предизвици во здравството, фокус на онкоболните пациенти

Во првото појавување пред јавноста новиот министер за здравство Азир Алиу за лицата над 40 години најави бесплатни прегледи за дијабетес, притисок, срцеви и црнодробни заболувања. Според него, ова се европски стандарди и со ваквите прегледи ќе се намалат ризиците за над 30%. Алиу, зборувајќи за неговите приоритети во здравството, одговори и на сомнежите од опозицијата дека како информатичар ќе се справи со здравствениот сектор.

„Не сум лекар, но позицијата што ја имам во моментов е менаџерска позиција, така што јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Ќе креирам систем за да може лекарот или кардиологот да оперира срце во реално време, со добри инструменти, со отчетност кон граѓаните, а не со листа на чекање.“, рече Алиу.

Алиу истакна дека на првиот состанок во Министерството со неговиот тим детектирал вкупно 57 предизвици, но како што додаде – колку повеќе предизвици, токлу повеќе ќе има енергија да ги решава. Еден од нив е условите во болниците, особено каде што се лекуваат пациентите со карцином.

„Немаме столчиња за седење. Пациент којшто има здравствени проблеми да нема столче за чекање, мислам дека е базично нешто и навистина треба да се срамиме сите – и јас како министер за здравство, дека имаме таква инфраструктура.“, изјави Алиу.

Тој истакна дека ќе работи на олеснување на лекувањето на пациентите кои од внатрешноста доаѓаат до Скопје, особено за онкоболните.

Алиу вети дека ќе работи во иднина да нема повеќе недостиг на терапија за онкоболните пациенти, на начин што институциите ќе мора да завршат со тендерирањето за нова терапија шест месеци пред истекот на актуелниот договор со фирмите за набавка на лекови.

Back to top button
Close