МПЦ ОА и ИВЗ издаваат под кирија хотели ресторани станови и деловни простори но УЈП не ги оданочува?!

Македонската православна црква (МПЦ-ОА), освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети.

Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп, анализира Бирн.

Меѓутоа, државата нема увид во парите од киријата зашто црквата со години не поднесува завршни сметки до надлежните институции. Поточно, од 2010 до 2023 година поднела само една завршна сметка и во неа не пријавила приход од закуп или од каква било стопанска дејност.

Ова се наодите на истражувањето на БИРН што се потпира врз податоците од новата база „Верски имоти под лупа.“

Акумулирањето недвижен капитал надвор од храмовите и можноста тој економски да се експлоатира, да се издава или да се продава, го храни митот за богатите црковни великодостојници што уживаат привилегии и возат скапи џипови. Oвoj претприемачки имиџ на црквата дополнително го засилуваат повремените бизнис-излети на МПЦ-ОА во градежништвото, енергетиката и во туризмот.

Црквата вели дека реалноста е поинаква.

Синодот, за БИРН, аргументира дека единствената цел на црковната економска активност е нормалното функционирање на верската заедница, без разлика дали станува збор за работењето на нејзини фирми или, пак, за закуп на имот.

Бизнис-активностите на црквата и во Уставот на МПЦ-ОА се претставени како нужност.

„Средствата што се прибираат служат за издршка на МПЦ“, стои во најважниот црковен документ.

Хотели и атрактивни станови

Хотелите на МПЦ на охридското крајбрежје | Фото: Google Maps

Закупот е формата преку која црквата одржува и стопанисува дел од своите туристички објекти. Во портфолиото на Македонската православна црква има и имот што е запишан како туристички и спортски објекти и под таа категорија, црквата поседува 26 имоти на 25 локации.

Најпознати туристички објекти се хотелите „Изгрев“ и „Бисер“ во близина на струшкото село Калишта, лоцирани на самиот брег на Охридско Езеро.

Пред повеќе од една деценија, туристичката агенција „Фибула травел“ го зеде под наем „Изгрев“, кој се простира на нешто повеќе од 37.000 квадрати и целиот комплекс го реновираше во луксузен хотел со пет ѕвездички, конференциска сала, ресторан и спа-центар.

Од деталите на договорот беше објавен само оној дека туристичката агенција и црквата се договориле закупот да трае половина век.

Соседниот хотел „Бисер“ менуваше кираџии низ годините, а од лани под закуп го зел познатиот угостител од Струга, Крсте Блажески-Крис, кој е еден од сопствениците на хотелот „Дрим.“

Тој во разговор со БИРН информираше дека целосно го реновирал хотелот, меѓутоа не откри детали од договорот, иако потенцираше дека времетраењето на закупот е далеку помал од оние 50 години на „Изгрев.“

Овој угостителски објект се простира на 25.000 квадрати.

Исто така, еден од храмовите на МПЦ-ОА на охридското крајбрежје, со години издава и дел од плажа на локален угостител, според една од одлуките објавени на јавниот судски портал.

Што се однесува до станбениот простор, него МПЦ го има на точно 195 локации катастарски поделен на 225 имоти.

Деталната анализа за десетте општини од главниот град, каде што е најатрактивен станбениот простор, покажува дека во Скопје, црквата поседува 20 станови со површини  меѓу 40 и 90 квадрати. Два се наоѓаат во Аеродром, седум во Кисела Вода и 11 на разни локации низ Општина Центар.

Повеќе

Back to top button
Close