Левица: „Патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за формирање Инспекторат за почитување на државните симболи

Левица обвини дека на последната собраниска седница, владејачкото мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ, ЗНАМ заедно со ДУИ, не гласаа за Предлог-законот поднесен од пратеничката група на Левица за формирање на Инспекторат за државни инсигнии – орган што конечно ќе овозможеше доследна примена на постоечките закони за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија.

-Иако законите постојат веќе 27 години, досега не е воспоставен ниту еден реален механизам за нивно спроведување. Секојдневно сме сведоци на нивна злоупотреба, непочитување и деградирање на државните симболи, без каква било санкција или институционална реакција. Предлог-законот предвидуваше формирање на инспекциски орган во рамки на Министерството за правда, кој ќе имаше надлежност да постапува и кон институции и кон физички и правни лица и да изрекува глоби, посочуваат од Левица.

Според партијата, непочитувањето на државните симболи не е изолиран инцидент, туку долготолерирана состојба, која директно го нарушува уставниот поредок и ја поткопува интеграцијата на општеството.

-Одбивањето на овој закон од страна на партиите на власт јасно покажува дека кај нив нема ни волја, ни чувство за државност. Во канцелариите на нивните министри и директори веат симболи на други држави, додека македонското знаме се изоставува.

Со оваа одлука, власта директно се спротивстави на интересот на граѓаните и ги заштити оние што свесно ја понижуваат државата. Наместо да застане во одбрана на достоинството на државата, мнозинството одбра да го блокира единствениот обид да се воспостави институционален надзор и заштита на државните обележја.

Закони без механизми за спроведување се само мртво слово на хартија, а држава која не ги штити своите симболи, го губи и својот суверенитет. Ова е политичка капитулација пред антидржавните структури кои со години се толерирани од власта, додоа од Левица.

Back to top button
Close