Емпатија

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, сакам да се осврнам на сѐ почесто споменуваниот поим емпатија, за да не остане само поим туку и поттик за длабокоумно размислување. Емпатијата е најдрагоценото чувство меѓу луѓето, коишто имаат развиена емоционална интелигенција, благодет за сето човештво и привилегија на благородните души.

Ќе ја споделам мојата емпатична приказна која што ќе ја разберат само луѓе со развиена емпатија. Со моите најблиски и пријатели направивме забавата во чест на еминентниот пеач од дамнешните Југословенски времиња, Лео Мартин кој дојде во Скопје.

Неговите песни со сериозни философски текстови како Одисеја оставија траен белег во сеќавањето на љубителите на вистинската музика.

Во чест на Лео Мартин дојде и музичката група од Ресен, ,,Персиди”. Ресторанот Вршац повторно ги обедини луѓето полни со носталгија за едни убави времиња од минатото. Чувството на духовна исполнетост нѐ преплави сите. Си заминав дома со полно срце. Возејќи се накај дома, на семафорот пред Владата застанав на црвеното светло од семафорот. До мене, од левата страна застана автомобил со отворени прозори. Две млади лица со големо внимание беа свртени кон мене.

Емпатијата се почувствува истиот миг кога се сретнаа нашите погледи. Поздравувајќи ги им посакав убава вечер и здравје, а тие ми возвратија: „Господине вие сте нашиот идол, со вашата борба, вашиот животен стил и вашата невидена љубов кон човекот. Човек со добри намери”

Се запали зеленото светло. Останав половина минута на семафорот вчудовиден од зборовите на младите луѓе. Одамна ваква топлина околу срцето од непознати луѓе не сум почувствувал.

Ноќта не можев да фатам сон. Размислував. После сите овие голготи и неправди околу мене, почувствував колку може еден збор полн разбирање и почит да ти биде мевлем за душа. Што препознаа младиве деца во мене?

Прв пат, од моето присуство на социјалните мрежи, го почувствував позитивниот ефект на моето комуницирање со јавноста. Димензијата на социјалните мрежи, доколку истите се користат во позитивна насока, е невидено голема во создавањето и креирањето на едно модерно општество.

Двете млади луѓе прв пат во животот ги видов. Го препознаа најбитното во мене, како да ме познаваат мошне добро , а никогаш во животот не сме седнале на маса да разговараме како пријатели, ниту во бизнисот како партнери.

Почитувани читатели, тоа е голема привилегија за секој поединец кога ќе ја почувствува почитта од помладите генерации за направените дела во минатото кога не биле ни родени. Животот, стилот на живеење, особено хуманоста и чесноста може да ги препознаат луѓе со чувство за другиот.

Ќе го паметам овој момент, лековит е. Сам за себе говори дека јавно искажаниот збор, позитивен или негативен, се памети. Мојата привилегија е токму тоа што моите млади сограѓани препознаваат личност којашто служи за пример.Почитувани чиататели, молкот за стечајот на Еуростандард банка и покрај моето пишување во континуитет изминатите 5 години и натаму владее. Правните и физички лица, клиенти на банката се обештетени. Средства во стечајната маса и натаму се собираат. Недвижниот имот се продаде по багателни цени, само со една цел, да се намали сумата на собраните финански средства во стечајната маса. За мене и моето семејство сѐ уште е во сила забраната за стопанисување и оттуѓување на имотот кој го поседуваме.

Како е можно обичните мои сограѓани, без разлика на нивната верска и национална припадност, да ме почитуваат и препознаваат по моите дела и одлучноста правдата да ја изведам на виделина, а институциите кои се задолжени за овој случај и натаму молчат?

Народна банка доби нов Гувернер, професорот Трајко Славевски. Актуелниот Гувернер мора да го расчисти злосторот направен од неговата претходничка Анета Бежоска. Прашање е дали се има желба или и овој Гувернер е ставен под капата на „длабоката држава” која ја владеат криминалот и корупцијата.

ОЈО и натаму молчи цели 5 години. Еднаш бев повикан на распит и никогаш повеќе. Сепак, предметот и натаму е актуелен. Што бара ОЈО? Јас и моето семејство сме тука, немаме намера да ја напуштиме нашата Македонија. Нема криминал кај нас. Ако тоа нешто ви значи, јас мирно спијам и уште повеќе собирам сила да издржам во мојата борба. Моите сограѓани свесно или несвесно ми даваат силна поддршка да истраам во оваа борба која ја водам не само за себе и моето семејство, туку за сите повредени од системот во нашата Македонија. За жал, не сум единствениот кој ја платил цената. Нѐ има многу.

Се ближат локалните избори. Секојдневно сме ,,бомбардирано” од политичките партии кои ветуваат ,,брда и долини” за нивните кандидати по општините. Битка за свои , партиски градоначалници и советници.

Граѓаните се уморни од лажни ветувања. Сакаат видливи резултати.

Убеден сум дека во Македонија има луѓе коишто можат професионално и успешно да ги обавуваат функциите градоначалник или советник. Прашањето е сосема прагматично. Дали лидерите на политичките партии имаат во себе вградено вистински лидерски способности за да препознаат и предложат кандидати кои навистина ќе можат да испорачаат резултати во нивното владеење?

Чувството дека лидерите во нашите политички партии се опкружени со полтрони кои сонуваат само за позиции без да имаат адекватно образование, знаење и искуство, е сеприсутно меѓу нас граѓаните. Впрочем, од тие причини ја плаќаме денешната цена. Денес, нашата држава во цела Европа е рангирана на последно место по сите параметри за модерна држава.

Да се биде вистински лидер е сериозен предизвик. Да се биде емпат е голем благодет. Дали имаме такви во Македонија?

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close