(Фото) Со ВЦ-школка се алармираат возачите да внимаваат на опасна дупка во Хиподром 2

Жителите на скопската населба Хиподром алармираат за сериозен проблем на една од улиците во Хиподром 2, каде на коловозот се појавила огромна дупка што претставува опасност за возачите.
За да спречат можна несреќа и да ги предупредат учесниците во сообраќајот, граѓаните поставиле необично „обележје“ – ВЦ-школка директно во дупката. Фотографиите од импровизираното решение брзо се проширија на социјалните мрежи и предизвикаа бројни реакции.
Жителите велат дека проблемот не е изолиран, туку дека целата улица е преполна со дупки и оштетувања.
„Мизерија за општините, а има место и да се прошири – два автобуса не се разминуваат. Темница и нема ни гранките кој да ги скрати, со години вака“, коментира еден жител.

Друг додава: „Ниту автобуска постојка осветлена, ниту кратери-дупки санирани по улица… ништо, Хиподром 2… Резил“.
Граѓаните предупредуваат дека состојбата е особено опасна за моторџии и велосипедисти.
„Пат на ужасот. Во овие дупки може да загине некој моторџија или велосипедист“, стои во еден од коментарите.
Жителите реагираат дека откако улицата била изградена, општината не вложила речиси ништо во нејзиното одржување, поради што состојбата со години се влошува.
Тие бараат итна интервенција пред да дојде до посериозни последици.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави и фотографија дека ВЦ-школката е отстранета, но дупката сè уште не е санирана.
Извор: skopje1.mk






