Талески: СДСМ ги направи тунелите, мостовите, оградите – ВМРО само бетон од 10 метри
Со завршувањето на експресниот пат низ Фаришката клисура, делницата од Дреново до Градско, пратеникот на СДСМ, Миле Талески, остро реагираше на обидите на ВМРО-ДПМНЕ да си го припише проектот како сопствен. Тој потсети дека најтешкиот и најкомплексен дел од трасата е изведен токму во мандатот на СДСМ.
„Горди сме затоа што СДСМ заврши над 90% од овој капитален инфраструктурен проект. Станува збор за делница долга 10,2 километри, со вредност над 33 милиони евра, која има огромно значење не само за Прилеп и прилепчани, туку и за целиот Пелагониски регион“, изјави Талески.
Тој додаде дека во мандатот на СДСМ биле целосно завршени двата тунели со вредност од околу 6 милиони евра, биле асфалтирани 95% од трасата и изведени сите клучни елементи: 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, 1 вијадукт и 1 галерија.
„Ова не е само пат, туку животна артерија за економијата, транспортот и безбедноста во регионот. Нашата работа зборува сама за себе“, додаде тој.
Во однос на активностите на актуелната власт, Талески беше јасен:
„Што направи ВМРО-ДПМНЕ за една цела година? Заврши само мал дел, санира едно свлечиште, постави бетон од 10 метри, дел од сигнализацијата и оградите. И потоа, секако, сликање пред камери и китење со туѓи перја“.
Тој подвлече дека, и покрај тоа, најважно е што патот конечно е завршен и достапен за граѓаните, и потсети на низа други проекти изведени во мандатот на СДСМ, како експресниот пат Градско–Дреново, обновата на делницата кај Плетвар, патот до езерото кај Прилеп, како и почетокот на автопатот Прилеп–Битола, дел од Коридорот 10д.
„СДСМ сериозно инвестираше во патната инфраструктура и ние ќе продолжиме по тој пат. Благодарност до сите градежници, инженери и проекти кои ја реализираа оваа важна делница“, истакна Талески на крајот.