Најмалку 46 лица го загубија животот во поплавите во Пакистан

Бројот на жртви од поплавите предизвикани од поројните монсунски дождови во Пакистан достигна 46 лица, а десетици се повредени, јавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од локалните власти.

Меѓу жртвите на поплавите, кои почнаа минатата недеа се 22 лица во покраината Хајбер-Пахтунхва, 12 во источната покраина Пенџаб, седум во јужен Синд и четири во Белуџистан, соопштија Националниот орган за управување со катастрофи и локалните служби за итни случаи.

„Очекувавме врнежи од дожд над нормалните за време на монсунската сезона и издадовме предупредувања до властите да преземат мерки на претпазливост“, рече Ирфан Вирк, заменик-директор на Метеоролошкиот оддел на Пакистан.

Тој предупреди дека прогнозите не ја исклучуваат можноста за повторување на „екстремната ситуација“ за време на катастрофалните поплави во 2022 година. Дождовите тогаш предизвикаа поплави низ една третина од земјата, при што животот го загубија 1.737 лица.

Back to top button
Close