Средба на началникот на ГШ генерал-потполковник Ѓурчиновски со адмиралот Бауер

Началникот на вооружените сили (ВС) на Кралството Холандија, Адмирал Роб Бауер, кој престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

Адмиралот Бауер, по пречекот со високи воени почести, со почитување на мерките и препораките за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19, оствари средби со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Генералот Ѓурчиновски, по искажаната благодарност за континуираната поддршка и придонес од ВС на Кралството Холандија за нашето полноправно членство во НАТО, со својот колега разговарал за можностите за унапредување на идната соработка како НАТО сојузници, особено во процесот на воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување на заеднички воени вежби со користење на капацитетите на Армискиот Полигон Криволак.

Адмиралот Бауер, како што соопштија денеска од ГШ на Армијата, изразил подготвеност за интензивирање на понатамошната соработка и стручна помош во процесот на целосно интегрирање во структурите на НАТО.

За време на средбата со министерката Шекеринска со Адмиралот Бауер исто така се разговарало за можностите на унапредување на билатералната соработка и новите предизвици во одбраната.

Делегацијата од ВС на Кралството Холандија за време на официјалниот состанок се запозна со мисијата и задачите, процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во мировните операции, како и за облиците и можностите за вежбовни активности помеѓу двете армии.

Делегацијата на ВС на Кралството Холандија ќе го посети и баталјонот за специјални намени во касарната Илинден и ќе се запознае со активностите и со обученоста на оваа единица преку изведба на показна вежба.

Во текот на денот делегацијата ќе го посети и кампот за обука на вода во Охрид каде ќе се запознае со мисијата и задачите и на оваа армиска единица.

Адмиралот Бауер ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.

Армијата на Република Северна Македонија има развиено воена соработка со ВС на Кралството Холандија од 1999 година, која пред се е значајна во сегментот на военото образование на припадници на армијата во Високите воени институции на Кралството Холандија, како и помошта и менторирањето во развојот и функционирањето на Регионалниот центар за односи со јавност. цр/са/

Back to top button
Close