Ѓорѓиевски најави акција против дивите продавачи низ улиците

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека акциите против дивите продавачи ќе продолжат и во наредниот период, не само кај Бит-пазар, туку и околу пазарите во другите скопски општини.Ѓорѓиевски порача дека продажбата на булеварите, пешачките и велосипедските патеки нема да се толерира и дека оние што ќе ги повторуваат прекршоците повторно ќе бидат казнувани.
„Од самиот почеток на мојот мандат, она што се трудиме да го направиме во главниот град е да создадеме ред. Ред недостасува. Има граѓани кои веднаш по една или две опомени знаат да изреагираат и да се повлечат од ваквите девијантни појави што ги прават“, истакна тој.
Градоначалникот посочи и дека точно се знае каде може да се продава и дека улиците и патеките се наменети за пешаци и велосипедисти и не можат да се користат како продажни места.
„Се знае каде е местото каде што треба да се продава. Не може некој да продава среде булевар, на пешачка или на велосипедска патека“, рече Ѓорѓиевски.
Акцијата на потегот од трговскиот центар „Мавровка“ до Бит-пазар беше спроведена во координација меѓу инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, комуналните инспектори на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи. При контролата беа отстранети дивите тезги поставени долж булеварот „Крсте Петков-Мисирков“, а беа одземени околу 500 килограми храна, најголем дел земјоделски производи.






