(ВИДЕО) Државен пречек на останките на Цар Самоил: Функционерите од Македонија да му се поклонат кога ќе доаѓаат во Софија

Со прелети на воени ловци МИГ-29 и Ф-16, блокирани булевари, полициски кордони и целокупниот поранешен и сегашен државен врв на плоштадот, Софија организира државен пречек на посмртните останки на Цар Самоил, отстапени од Грција. Државните медиуми во минута го следеа доаѓањето од Грција каде што беа преземени посмртните останки, известувајќи за качувањето на ковчегот во авионот, за полетувањето, за влегување на бугарските авиони во бугарскиот воздушен простор, за слетувањето, за движењето до центарот па до местото за централна церемонија.
Точно 1012 години по неговата смрт, останките на цар Самуил денеска пристигнаа од Грција и беа изложени во центарот на Софија пред илјадници граѓани пред ковчегот да биде положен во базиликата „Света Софија“, пишува „Днес.бг“.
Поворката со посмртните останки на цар Самуил беше пречекана со аплауз на плоштадот „Батенберг“. Претходно, посмртните останки пристигнаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, транспортирани со воен авион „Спартан“ од Солун. Откако влегоа во бугарскиот воздушен простор, авионот беше придружуван од борбени авиони МиГ-29 и Ф-16.
Премиерот Радев одржа говор, по што следеше бугарската национална химна и поздрав со 21 топ.
„Овој плоштад се сеќава на многу паради и поворки. Бучната река на нашата историја тече низ него. Но, денеска се собравме за да исполниме мисија и долгоочекувана должност. Пред нас се смртните останки на цар Самуил. Тој го имаше тешкиот товар да ја брани Татковината на Балканскиот Полуостров покрај моќната Византиска Империја, да издржи убоди одзади од своите роднини, но и да ги чува нашите граници на исток и југ. Многу бугарски владетели се познати, но историската судбина е променлива – по години просперитет, доаѓаат времиња на тешки искушенија“, рече бугарскиот премиер во својот говор.
Тој им се заблагодари на сите политичари кои, во последните 60 години, како што рече, не штеделе труд да го вратат царот.
Политичката порака за Македонија беше дека отсега натаму црквата „Света Софија“ ,каде што ќе се сместат останките, треба да биде задолжителна постојка од државниот протокол – секогаш кога македонски делегации ќе доаѓаат во посета на Софија, за заеднички да му се оддава почит на владетелот.Т.е. од Софија ни дадоа уште една политичка задача, иако прашањето за цар Самоил е затворено одамна и да сакаа заедничко славење ќе го оставеа во Мала Преспа.
„Ова е нешто што заедничката историска комисија одамна го призна од македонска страна – дека постојат сите основи да се смета дека Самоил е бугарски владетел и неспорен дел од нашата заедничка историја со Македонија“, коментираа аналитичарите во студиото, потсетувајќи на протоколите на мешовитата комисија.
Паралелно со повиците за надминување на поделбите преку историјата, од бугарска страна не изостанаа ниту директните политички притисоци. Беше нагласено дека официјална Софија под никакви околности не смее да попушти пред европскиот притисок околу преговорите со Македонија.
Извор: fokus.mk






