Кумановското обвинителство се откажа од кривично гонење на Максим Димитриевски
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово се откажа од обвинението против Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на Куманово и претендент за трет мандат за градски татко, објави денеска Кривичниот суд во Куманово.
ОЈО го гонеше Димитриевски за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава поднесена од две кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово..
„Основниот суд Куманово, заради интерес на јавноста за постапката по предметот на Основен суд Куманово К-115/24 против обвинетиот М. Д. од К. за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 од КЗ, известува дека на ден 01.07.2025 година донесена е пресуда со која обвинението се одбива согласно на чл.402 ст.1 т.3 од ЗКП, затоа што јавниот обвинител со поднесок од ден 30.06.2025 година се откажа од обвинението“, стои во соопштението на сајтот на судот.
Последното рочиште за процесот се одржа пред неколку дена, односно на 27 јуни, а за 4 јули требаше да се одржат завршните зборови за предметот.
Според обвинението кое се водеше против него, Димитриевски не постапил согласно законските обврски од Законот за градење, односно по комплетирање на документацијата и добивање позитивно мислење за градежни дозволи, не им доставил на фирмите известување со пресметка за плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште. Со тоа, според обвинителството, им била нанесена значителна имотна штета во износ од 3.351.800 денари (околу 55.000 евра).