Се бара притвор за едно од лицата кои физички ја нападнале Арсовска –ОЈО за инцидентот
Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против две лица осомничени за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по вчерашниот инцидент на улицата „Севастополска“, при кој беше физички нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Според обвинителството, првоосомничениот маж, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава.
Инцидентот се случил во присуство на полициски службеници и членови на градската администрација. Откако бил спречен од присутните, со вербални закани се вклучил и второосомничениот, кој дополнително ја ескалирал ситуацијата.
„Со своето однесување, двајцата осомничени предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај присутните лица“, соопштија од обвинителството.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судот за определување мерка притвор за првоосомничениот, поради опасност од повторување на делото и можност за бегство. За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот.