Мицкоски се сомнева во организирана акција за пожарите, ДУИ отфрла секакви клевети за нивни функционери
Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали можеби знае нешто во врска со шпекулациите во јавноста дека функционер од ДУИ е вмешан во палењето пожари низ земјава. Од ДУИ како клевета ги отфрлија информациите за можна нивна вмешаност во пожарите.
Не би сакал детално да зборувам за тоа. Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција. Имаме приведени лица и одземени телефони, оставам на органите да си ја завршат својата работа. Но, докопку се потврдат овие основани сомневања, тогаш одредени личности ќе бидат во сериозен проблем – рече Мицкоски.
Од ДУИ изразија длабока загриженост и велат дека категорично ги отфрла клеветите и тенденциозните вести кои се шират од одредени кругови блиски до власта, со цел оцрнување и дискредитација на нивни функционери и политички активисти во Шуто Оризари, вклучително и наводната вмешаност во сериозни инциденти како подметнување пожари во околината на Скопје и Визбегово.
-Овие намерни обиди за манипулација на јавноста претставуваат директен напад врз опозицискиот глас и политичкото претставување на Албанците. Во пресрет на локалните избори, јасно е дека станува збор за добро осмислена стратегија за заплашување, уценување и слабеење на организациските структури на ДУИ, наместо соочување со граѓаните преку политичка алтернатива и фер демократска дебата – велат од ДУИ.
Од партијата ги повикувааат надлежните институции транспарентно да ги разјаснат причините, правната основа и целта на полициската контрола спроведена во домот на г. Иљас Лесковица, како и да објаснат кој од инкриминираните кругови стои зад ваквите селективни одлуки кои имаат за цел вршење притисок врз легитимни политички претставници.
Од ДУИ потсетуваат дека заробувањето на правдата и инструментализирањето на институциите не се предизвик само за една политичка партија, туку сериозна закана за демократскиот поредок и за европската иднина на земјата.
-За жал, ова не е првпат државните структури да се злоупотребуваат за политички цели. Претходни случаи, вклучително и случајот со Кочани, јасно покажуваат дека вистинските виновници не се соочуваат со правдата, додека други се користат како жртви на политички калкулации. Исто така, е неприфатливо структури поврзани со урбаниот криминал и незаконски активности да бидат заштитувани од власта и да се користат како алатки за напад врз опозицијата и задушување на политичкиот плурализам во земјата – велат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека ниту еден притисок, ниту една закана нема да ја поколеба нивната волја да го бранат легитимното право на политичко учество и претставување.
Извор: slobodenpecat.mk