Родителите на загинатите деца: Не сме подготвени да слушаме музика во истиот град во кој неодамна плачеше цела Македонија
Родителите на децата кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно обраќање до македонската јавност. Тие синоќа протестираа против најавата за музичка прослава на Петровденски хепенинг, по што истата беше откажана.
„Синоќа, кога излеговме пред бината во Паркот на слободата, тоа не беше протест од омраза, ниту од инает. Тоа беше очаен обид – да не дозволиме над нашата болка да се гради веселба. Да не се игра и пее таму каде што сѐ уште одекнуваат последните повици за помош на нашите деца. Нашиот гест, за жал, беше погрешно разбран. Наиде на поделени реакции, дури и на критики. Затоа сакаме да кажеме неколку зборови, не за оправдување – туку за разбирање. Пред да биде закажан Петровденскиот хепенинг, никој не нѐ праша дали можеме да го издржиме тоа. Дали сме подготвени да слушаме музика во истиот град во кој неодамна плачеше цела Македонија. Дознавме од медиумите, и се обративме до градоначалникот – прво со збор, потоа со писмено барање. Само баравме: или да се откажат забавните содржини, или да се премести местото – таму кај што болката не е толку гласна, каде може достоинствено да се слави, без да се гази по нашите незараснати рани. Но, нѐ одбија.
Веруваме дека Петровден ќе се слави уште многу години, и така и треба – животот продолжува. Но оваа година, оваа прва Петровден по трагедијата, верувавме дека можеше да се обои со тишина, со светилка, со молитва. Верувавме дека нашата болка ќе биде признаена, не премолчена. Не сме против свадби, матурски прослави, веселби по кафулиња – тоа се дел од животот. Но јавна веселба организирана од Општината, токму сега, токму на неколку чекори од местото каде што сѐ се случи – тоа беше премногу за нас. Тоа не е обид да ви го ускратиме правото на радост – туку повик да не се заборави човечноста. Сѐ што бараме е емпатија. Да нѐ видите како родители кои живеат со вечна загуба. Да не мораме да се бориме и за основното – за тишина кога боли“, велат тие.
Извор: fokus.mk
Фото: News24live