Тајната служба на Украина ликвидирала агенти на руската ФСБ осомничени за атентат на полковник во Киев
Агенти на украинската безбедносна служба (СБУ) во акција извршена вчера ликвидирале членови на руската тајна служба, а кои биле барани за убиство на висок офицер на СБУ минатата недела, пренесува „Гардијан“.
Во соопштението преку кое украинската контраразузнавачка служба информира за операцијата, се наведува дека нејзината цел била апсење на агенти на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), за кои се верува дека стојат зад убиството на полковникот на СБУ, Иван Воронич што се случи во четвртокот во Киев. Агентите на руската служба, според соопштението, биле ликвидирани бидејќи се спротивставиле на припадниците на СБУ.
„Утрово (13.07.2025 г.) беше спроведена специјална операција, за време на која членови на ќелија на руската ФСБ почнаа да се спротивставуваат и затоа беа ликвидирани“,се вели во соопштението објавено на платформата за пораки Телеграм.
Од официјална Москва засега нема коментар за операцијата во која се ликвидирани членови на нејзината разузнавачка служба, а како што наведува „Гардијан“ вчерашната операција потсетува на неколкут атентати врз високи руски воени функциоенри извршени од страна на Украина од почетокот на војната.
Според украинската СБУ, две лица, маж и жена, биле оосмничени дека во убиле полковникот Воронич во напад што се случил преку ден, а кој бил снимен од надзорни камери. Во соопштението не се наведува колку вкупно агенти на ФСБ се убиени вчера, но, на видеото што го објавила украинската служба можат да се видат две тела.
Медиумските извештаи наведуваат дека Воронич бил вклучен во тајни операции во украинските територии окупирани од Русија и оти наводно бил вклучен во организирањето на нанадејните упади на Украина во рускиот регион Курск минатата година.
Според СБУ, на наводните атентатори им било наредено да ја надгледуваат својата цел и да ги следат неговите движења. На крајот им биле дадени координати од скривалиште каде пронашле пиштол со придушувач.
Агентите на руската служба се обиделе да се засолнат по убиството во четвртокот, но биле пронајдени од СБУ и полицијата.
Инаку, украинската СБУ е задолжена за државната безбедност и контраразузнавањето на земјата, но од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, таа беше вклучена и имаше значајна улога во специјалните операции против Москва во кои беа ивршени неколку атентати и саботажи на руската воена инфраструктира.
Русија изминатите неколку недели изврши серија масовни воздушни напади врз повеќе локации во Украина, меѓу кои и врз главниот град Киев, а напади со беспилотни летала биле регистирани и во неделата.
Според властите во Киев, рускиот напад бил извршен со 60 дронови од кои 20 биле соборени, а 20 други блокирани.
Вчера, украинските власти објавија дека четири цивили биле убиени, а 13 други повредени во руските напади врз регионите Донецк и Херсон од саботата.