Поранешен унгарски пратеник објави фотографија од Груевски од елитен ресторан во Будимпешта. Бара да му се одземе азилот
Поранешениот унгарски пратеник Акош Хадхази на неговиот Фејсбук профил објави фотографија од поранешниот премиер Никола Груевски. Хадхази, кој беше независен пратеник во парламентот до изборите овој април, пишува дека Груевски бил фотографиран во елитниот ресторан во центарот на Будимпешта од унгарски граѓанин.

Хадхази (беше пратеник од 2016 до 2026) е познат по својата антикорупциска активност. Тој во објавата на Фејсбук заедно со фотографиите пишува дека Груевски е баран со меѓународна потерница, дека беше голем пријател на Виктор Орбан и Петер Сијарто и се надева дека владата на Петер Маѓар нема да заборави да го испорача, додавајќи дека Унгарија „може да направи многу за справување со корупцијата во Северна Македонија ако му го одземе политичкиот азил на Груевски“.
Во објавата, тој исто така наведува дека „луѓето на Груевски“ сѐ уште се на власт во Северна Македонија. Затоа ги повикува унгарските власти да го спречат бегството на луѓе блиски до режимот на Орбан од земјата.






