„Купуваме вода во шишиња, се бањаме во 3 сабајле“: Жителите на населба Водно веќе втора недела како немаат вода
Жителите на населба Водно во Скопје се соочуваат со сериозен проблем со водоснабдувањето, алармирајќи дека веќе 11 дена, од недела, 6 јули 2025 година, немаат вода за пиење во најголемиот дел од денот и ноќта. Состојбата е алармантна, со оглед на високите летни температури кои достигнуваат и 40 степени Целзиусови.
На барање на загрижените станари, во вторникот, 8 јули 2025 година, се одржала средба со Градоначалникот на Општина Центар. Градоначалникот и претставниците на Општината изјавиле дека водоснабдувањето НЕ е во нивна надлежност, туку е во надлежност на Градот Скопје. Средбата завршила неуспешно, оставајќи ги граѓаните без конкретно решение, пренесе Прес24.
Состојбата е критична:
-Вода има само со мал притисок во раните утрински часови, што трае неколку часа. Жителите се принудени да се бањаат и тушираат во 3 часот наутро.
-Кофи со вода се полнат кога има малку вода, за да можат да ги користат тоалетите преку ден.
-Купувањето вода за пиење во шишиња е секојдневна пракса, но тоа не е одржливо решение.
-Перење алишта и готвење се речиси невозможни. Жителите се на „принудна диета“ поради неможноста за миење садови и кујна.
-Многумина одат кај роднини низ Скопје за да се избањаат и да одржат лична хигиена.
-Чистењето по дома е незамисливо, што доведува до најниско ниво на хигиена во населбата и страв од појава на инсекти и глодари.
Секоја вечер пред комплексот Соравија се појавува цистерна на „Водовод и Канализација“, која, според жителите, стои „скришно“ од страв од гневот на незадоволните граѓани. Цистерната е со техничка вода наменета само за тоалет, а на прашањата кога ќе добијат вода, вработените креваат раменици и велат дека не знаат.
Жителите на Водно апелираат до јавноста и до институциите за помош, бидејќи имаат информации дека никој не е запознаен со нивниот проблем. Тие бараат итно решавање на проблемот со водоснабдувањето во 21 век, во услови на екстремно високи температури.
Сличен проблем се јавува и во Кисела вода во реонот околу студентскиот дом Пелагонија каде голем дел од граѓаните трошат големи количини вода на навадување на градините што резултира со намалување на притисокот на вода. Жителите се жалат дека во текот на попладнињата и вечерите често и буквално нема вода.