Голем шумски пожар предизвика сериозна штета на југот на Франција

Обемен шумски пожар зафати подрачје во близина на пристанишниот град Мартиг кај Марсеј, предизвикувајќи голема материјална штета, соопштија денеска локалните противпожарни служби.

Пожарот, кој зафатил површина од 240 хектари, избувнал вчера вечерта и се проширил со огромна брзина поради сувото и ветровито време. Повеќе од 1.000 пожарникари се бореле со огнената стихија.

Најголемиот дел од зафатената територија сега е под контрола, а на граѓаните им е дадено зелено светло да се вратат во своите домови, наведоа властите.

Превентивно, биле евакуирани околу 150 лица, додека на други им било препорачано да не ги напуштаат домовите. Неколку патишта биле привремено затворени, а двајца пожарникари се здобиле со полесни повреди.

Јужниот дел на Франција последниве денови се соочува со серија пожари, предизвикани од високите температури и сувата вегетација.

Особено драматична била ситуацијата со еден пожар кој се доближил до Марсеј, поради што биле прекинати железнички и автопатски врски кон градот, а аеродромот бил привремено затворен поради активирање на воздушни единици за гаснење.

Back to top button
Close