Сириското претседателство објави итен прекин на огнот во регионот на Суејда
Сириското претседателство објави денеска итен прекин на огнот по неколкудневните жестоки борби во регионот на јужниот сириски град Суејда, населен главно со заедницата Друзи, за време на кои загинаа повеќе од 700 луѓе.
Претходно американскиот амбасадор во Анкара, Том Барак соопшти дека Израел и Сирија постигнале договор за прекин на огнот.
Во официјална изјава, властите ги повикаа сите страни во конфликтот, кој започна со судирите меѓу заедницата Друзи и бедуинските сунити, да ги прекинат непријателствата и да се придржуваат до примирјето. Непосредно пред тоа, Министерството за внатрешни работи на Сирија објави дека сириските сили за внатрешна безбедност веќе почнале да ги распоредуваат своите офицери во областа Суејда.