Хуманитарна организација „Светска централна кујна“: Сите залихи во магацините во Газа се потрошени
Хуманитарна организација „Светска централна кујна“ соопшти дека сите залихи во нејзините магацини во Газа се потрошени и дека нејзините камиони за помош моментално се блокирани на границата со Газа.
Како резултат на тоа, организацијата наведува дека е принудена да ја прекине работата во кујните кои служеле топли оброци, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Меѓутоа, како што додава, нејзините тимови во Газа и натаму печат леб и дистрибуираат вода до жителите. Организацијата соопшти дека вчера дистрибуирала 80.000 оброци до жителите на Газа.
Влезот на хуманитарна помош во Газа претставува точка на судир меѓу Израел и организациите за помош од почетокот на војната, наведува израелскиот портал.
Хуманитарните групи го обвинуваат Израел за блокирање на испораките, додека Израел тврди дека организациите не ги исполнуваат потребните услови за безбедна дистрибуција на храна, како што е почитувањето на специфичните рути за помош во Појасот Газа.
Минатата недела, Хуманитарната фондација за Газа соопшти дека организациите поврзани со ОН не доставиле храна во Газа повеќе од една недела и дека моментално е единствената организација што носи хуманитарна помош во тоа подрачје.