СДСМ: Повторно е зголемена минималната синдикална кошничка, ВМРО-ДПМНЕ ги турна граѓаните во сиромаштија
Синдикалната минимална кошничка за јули е повторно зголемена и достигна 65 328 денари, што е нов удар по џебот на граѓаните, реагираат од опозицискиот СДСМ.
„За само еден месец основните трошоци за живот пораснале за 630 денари, а за три месеци растот е дури 2 637 денари. Најголем е порастот повторно кај храната и пијалаците. На едно четиричлено семејство во јули му се потребни 23 682 денари за да купи храна. Пеколни податоци регистира и статистиката на почеток на месецот. Годишната инфлација е зголемена на 4,5 отсто. Овие поразителни бројки се резултатот од една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ – целосно промашена, аматерска економска политика. Животот станува уште поскап, инфлацијата притиска, а куповната моќ на граѓаните е срушена“ соопштија од СДСМ.
„Потребни се конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и итно покачување на платите на работниците. Но оваа влада си мисли на на себе и на сопствените потреби со што ја загрозува економската сигурност на секое семејство во земјава“,додаваат социјалдемократите.
Премиерот Христијан Мицкоски најави оти ќе предложи на следната седница на Економско-социјалниот совет, за која вели дека очекува да се одржи во најскоро време, синдикалната минимална кошничка да биде поделена во пет сегменти – потрошувачка кошничка за самец, за млад брачен пар, тричлено семејство, четиричлено семејство, како и кошничка за пензионери.