Муцунски: Протоколот со Бугарија нема никаква правна примена
Развојот на состојбата со иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија пред Уставниот суд ќе потврди дали уставните измени се единствената пречка за Бугарија да се откочи нашиот евроинтеграциски процес, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Бугарија во официјалните позиции до кои се држи барем досега, вели дека единствен проблем се уставните измени. За жал, не верувам во тоа, бидејќи ја следам и реториката и она што се прави на дело, вклучително и она што се случува во Европскиот Парламент. Меѓу другото и развојот на оваа состојба ќе биде една потврда дали се само уставните измени проблем или има нешто многу повеќе.
Пред сè, бидејќи овој протокол во неговата содржина излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство, каде што Бугарија самата е обврзана да нè поддржува на патот во евроинтеграциите. Ќе следиме, имаме повеќе сценарија, размислуваме што може да се случи. Секако наш приоритет останува патот кон членство во ЕУ, за разлика од нашите претходници – рече Муцунски на Канал 5.
Според него, т.н. протокол е еден од најштетните документи во историјата на нашата надворешна политика и таков каков што е во овој момент нема никаква задолжителна правна примена.
-Тоа е од повеќе причини, веројатно и Уставниот суд треба да даде свое гледиште, од гледна точка на самата процедура, од гледна точка како е тој склучен, земајќи го во предвид меѓународното јавно право, неговата содржина. Тоа што си го има дозволено да го потпише мојот претходник најдиректно кажано е катастрофално и може да создаде многу негативни и штетни последици. Но, во овој момент тој нема никаква задолжителна правна примена и не произведува никави правни последици за државата – рече Муцунски