„Лекари без граници“: 652 деца починале од неухранетост во Нигерија за само шест месеци
Најмалку 652 деца починале од неухранетост во нигерискиот северен сојузен регион Кацина во првата половина од 2025 година, соопшти организацијата „Лекари без граници“.
Организацијата предупредува дека намалувањето на меѓународното финансирање, особено од страна на САД, Велика Британија и Европската Унија, има сериозни последици врз третманот на неухранети деца во регионот.
„Сведоци сме на масовни буџетски кратења, што директно влијае на нашата способност да спасуваме животи“, се наведува во соопштението.
Ситуацијата дополнително се влошува поради несигурноста и насилството од страна на бандитски групи, кои принудуваат многу жители да ги напуштат своите домови и земјоделските површини.
Официјалните податоци на „Лекари без граници“ покажуваат дека бројот на деца со тешка неухранетост е зголемен за околу 208 отсто споредено со истиот период минатата година.
Од ОН известија дека до крајот на јули ќе бидат принудени да запрат со дистрибуција на храна за 1,3 милиони луѓе во североисточна Нигерија, каде што ситуацијата дополнително ескалира поради бунтови и недостиг на средства.
Нигериската Влада предвиде 130 милиони долари во буџетот за 2025 година како компензација за повлекувањето на странското финансирање во здравствениот сектор.