(Видео) Колона од возила поминала патарина без плаќање – снимка ја разбранува јавноста, ЈПДП најавува дисциплински мерки
Снимка на која се гледа како дваесетина автомобили поминуваат наплатна рампа без запирање и без очигледно да платат патарина, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи и отвори прашања за контрола и (не)еднаквост пред законот. Видеото, снимено на патарината кај Гостивар, стана вирално, а неговиот објавувач саркастично напиша: „Патарините за едни се мајка, за други маќеа“.
По реакциите во јавноста, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) излезе со соопштение во кое потврдува дека направена е внатрешна контрола веднаш по објавувањето на видеото. Според нив, првото возило во колоната платило патарина и за другите зад него, но постојат и случаи каде тоа не е направено.
„Веднаш по објавата на видеото директорот на ЈПДП даде итен налог за проверка. Контролата утврди дека само за неколку возила не е наплатена патарина. По целосно расветлување на случајот ќе следат мерки за утврдување на одговорност на вработените и дисциплински постапки“, наведуваат од претпријатието.
И покрај објаснувањето, дел од јавноста остана скептична и гневна, оценувајќи дека ваквото однесување создава чувство на нееднаквост и ненаказнивост. Граѓани коментираат дека ако обичен возач помине патарина без да плати, веднаш добива казна, додека во овој случај сè уште нема ниту казнети лица.