Австралија и Велика Британија потпишаа нов 50-годишен договор за одбрана
Австралија и Велика Британија потпишаа нов 50-годишен договор за зајакнување на постојната трилатерална програма за нуклеарни подморници AUKUS со САД, потврдувајќи ја својата посветеност на планот во услови на преиспитување на трилатералниот пакт од страна на Вашингтон, објави Кјодо.
Договорот, според заедничкото соопштение, ќе овозможи сеопфатна соработка во проектирање, изградба, експлоатација, одржување и уништување на нови подморници, предвидени со рамката на АУКУС. Предвидени се и пристанишни посети, како и ротациско присуство на британска подморница во поморската база кај Перт, на западниот брег на Австралија.
Овој билатерален договор се надоврзува на тристраната рамка објавена во 2021 година, според која Австралија треба да купи нуклеарни подморници од САД на почетокот на 2030-тите, додека првите домашно произведени подморници се очекуваат во 2040-тите.
Во јуни, САД најавија ревизија на пактот АУКУС со цел усогласување со политиката „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп.
На церемонијата во Џилонг, југоисточна Австралија, британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека договорот ќе го зацврсти Индо-Пацифичкиот регион и ќе ја засили улогата на НАТО.