Муцунски: За Османи, проблемот не е во моделот, проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска упати критики до неговиот претходник Бујар Османи, нагласувајќи дека има двојни политички стандарди, додека е на власт се однесува европски, а кога е во опозиција го користи прашањето за соживотот за да поттикне поделби.

-Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби. Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски. Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или било каква друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува „проблем за соживот“, објави Муцунски на Фејсбук.

Тој нагласи дека за Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата.

-Ние, во меѓувреме, работиме да ја поправиме штетата што ја оставивте – дома и надвор. Со работа, со принципи, со почит. Не со закани и манипулации. Демократијата не е валидна само кога сте дел од власта. А граѓаните веќе го кажаа своето – јасно, на избори, вели Муцунски.

Шефот на дипломатијата нагласува дека тој верува во соживот, дијалог и иднина засновата врз еднаквост.

-Јас верувам во соживот, во дијалог, и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок. За разлика од него, секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска, додаде Муцунски.

Back to top button
Close