СДСМ: Над 20% од територијата на Македонија изгоре во пожари

Додека Мицкоски се обидува да се промовира себеси за голем патриот кој го редефинира значењето на зборот патриотизам, во две години од неговата власт преку 20% од вкупната површина на шуми и пасишта се претворени во пепел, изјави на прес конференција потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски, што МИА ја пренесува интегрално.

Само изминатата седмица активни се преку 100 пожари на територија на целата држава. Втора недела се активни пожарите во општина Василево, општина Радовиш и општина Берово. Планината Готен речиси е целосно опустошена.

Пожари има и во Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино, Струмица, Шуто Оризари и Карбинци, Куманово, Липково, Гостивар, Нагоричане, Росоман.

Во пожари гори цела Македонија.

Оттука се поставува прашањето, дали и ова е дел од патриотскиот план на Мицкоски?

Со кое лице Мицкоски зборува за патриотизам откако ја остави државата без соодветна опрема за справување со пожари. Лани Мицкоски ветуваше целосна ревизија и модернизација на системот за противпожарна заштита.

Она што го гледаме денес е целосна деградација на тој систем.

Наместо нови возила, владата на ВМРО-ДПМНЕ за 7 милиони евра набави службени мобилни телефони.

Наместо нови противпожарни авиони, вработување на пилоти, владата на ВМРО-ДПМНЕ патриотски троши милиони на приватни авиони, хотели, морска храна, папаја, манго .

Наместо вработување на пожарникари, владата на Мицкоски составува списоци во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ за вработување во државните институции.

Каков е тој патриотизам ако за една година со прст не си мрднал да ја одбраниш државата од огнената стихија во која изгореа околу 20% од шумите и пасиштата?

Каков е тој патриотизам кога во две години во пожари животот го загубија 70 луѓе?

Не е патриотизам да ги оставиш луѓето сами да се справуваат со пожарите.

Тоа е предавство.

СДСМ

Back to top button
Close