Оставки од МОК и Министерството за спорт бара новинар,маратонец волонтер и организатор ги брани
Не престануваат реакциите за скандалозната организација на Олимпијадата за млади која од 23 овој месец до денеска се одржува во Скопје и Куманово.На оставки и одговорност повикува и доајенот на македонското спортско новинарство, Огњан Герасимовски.
Тој вели дека се обидел да се воздржи од коментар, но не можел да премолчи откако и видел секојдневните непријатности кои се случуваат. Тој тврди дека Македонскиот олимписки комитет како и сте во администрацијата, не исклучувајќи го и Министерството за спорт, целосно неподготвено влегле во овој најмасовен спортски настан во Македонија.
„Повредени спортисти, удрени велосипедисти на тренинг од возило, колаборирање поради неклиматизирани сали, спиење по двајца во кревет, лоша исхрана, искршени тоалети….и многу незадоволни учесници кои проговорија во една анкета на ТВ. Наместо афирмација доживуваме фијаско кое најмалку го посакувавме. Господа од МОК и Министерството, тоа што се млади спортисти, требаше да биде поголем предизвик за сериозна организираност, тие се иднината на Олимпизмот, на спортот, вие ги потценивте, влеговте во авантура во стилот “лесно е со младите”. Ниту навреме го афирмиравте настанот, ниту солидно го организиравте. Претпоставувам никогаш не сте биле на ОИ и немавте престава што се е потребно за организација. Имавте на располагање многумина кои биле на такви масовни настани, некогашни МОК раководители, новинари кои известувале од десетина ОИ, спортисти и учесници….и бидете сигурни никој немаше тоа да го прави за хонорар, напротив само од љубов кон спортот и од задоволство, давајќи свој придонес за добивање уште позначајни настани кои во иднина би ги организирале. Вака ја закопавте следната можност за било каков сличен собир. Во културни земји ова не се простува, се знае што следува, ос…но кај нас таа институција ја нема во вокабуларот“,вели спортскиот новинар Огњан Герасимовски.
Во одбрана на орагнизаторите и особено на волонтерите застана Игор Јакимовски, познат маратонец и тренер, кој и самиот е дел од организацијата на ЕМОФ25.
Тој прашува зошто никој не им се обратил на волонтерите да ги праша со што тие се соочуваат оваа недела додека трае мaнифестацијата укажувајќи дека не треба да се носат заклучоци врз база на една изјава на спортист, туку да се погледне целата слика.
„Изгинавме со професионален ангажман за достоен репрезент на својата татковина пред спортска Европа. Е ова не го знаат или се прават дека не го знаат оите оние наши душегрижници кои врз база на изјава на дете ја оцрнуваат Македонија непроверено. Ајде да ги поздравиме македонските хејтери од климатизираните дневни соби и секако од грчките плажи. Вие хејтајте слободно и лабаво, а ние плус паралелно со ЕМОФ ќе ги гасиме и пожарите за да бидете безгрижни при Вашето враќање од јужните плажи“,пишува Јакимовски на Фејсбук.