ВИДЕО+ФОТО: Грета Тунберг на блокадата на Кожуф, заигра и оро со нашите активисти
Светски познатата активистка од Шведска, Грета Тунберг, денеска е на протестната блокада против изградбата на хидроцентрали на реката Дошница на Кожуф, каде заедно со локалните активисти учествува во дискусија за глобалните и локалните еколошки проблеми и предизвици.

Тунберг посетата на Македонија ја започна пред неколку дена во Тетово, за вчера да биде присутна на дискусија во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, која сепак само ја следеше, без да учествува. Претходно, таа се обрати со порака преку социјалните мрежи во која ги повика граѓаните масовно да дојдат на протестната блокада за спас на реката Дошница, на која приватен инвеститор добил дозвола од државата да гради хидроцентрала. Активистите се борат против изградбата на хидроцентралата, која целосно ќе го уништи живиот свет во најчистата река во Македонија и нејзиното течение ќе го стави во приватни раце.
Екоактивисти од Гевгелија, Демир Капија и други места од југот на Македонија втор месец го блокираат патот кон изворите на Дошница, каде што е предвидено да се гради. Тие спијат покрај патот во шатори и не дозволуваат тешка механизација и камиони да стигнат до местото и да продолжат со градежните активности.