Шукова предлага софтверско решение со кое ќе се следи пополнетоста на контејнерите

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје предложена од СДСМ, Каја Шукова, едно од потенцијалните решенија за справување со проблемот со отпадот во главниот град го гледа во воведување софтвер преку кој ќе се следи состојбата со нивото на пополнетост на контејнерите.

Со ваквиот концепт, како што вели, би се решил проблемот со нередовното собирање на отпадот на начин што вработените во Јавното претпијатие „Комунална хигиена“ ќе може да ја следат состојбата и соодветно да го приоритизираат собирањето на сметот од контејнерите во различни делови од градот.

„Камионите на ‘Комунална хигиена’ имаат редовна рута којашто ја поминуваат на два-три до пет дена, но немаат преглед на состојбите што се случува во моментот во контејнерите. Постојат системи кои регистрираат и ви даваат информации кои контејнери во градот се преполни, кои не се полни и во тој ден дека не мора да ги поминувате“, изјави Шукова во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5.

Додава дека вакви системи се имплементирани во развиените градови и се многу ефикасни.

„Ние ќе работиме на такво дигитално решение, но прво мора да набавиме нова опрема, бидејќи оваа е во ужасна состојба, а потоа и софтвер којшто дава информации и врз основа на што потоа се планираат рутите. Се троши помалку време, помалку финансии, а градот е чист. Има ефикасни решенија. Ништо ново не мора да измислуваме, треба само да видиме во поразвиените градови и да го воведеме“, додава таа.

Ова, според Шукова, е опција која сериозно треба да се разгледа, и покрај тоа што, како што вели, не се исклучува опцијата која веќе беше споменувана, а се однесува на префрлање на ингеренциите од Градот на општините.

Back to top button
Close