Полицаец осуден за кривични дела нема да се брка од работа

Денеска во Собранието пред пратениците меѓу другите, на дневен ред ќе се најдат и измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција.
Меѓу нив најскандалозен е членот 19 од Законот за полиција, кој се брише во целост.
„На полициски службеник на кого со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеца, му престанува работниот однос во Полицијата со денот на врачувањето на правосилната пресуда. Решението за престанок на работниот однос според ставот 1 на овој член го донесува министерот“ пишува во членот во сегашната верзија.
Со бришењето на овој член, фактички се брише и санкционирањето, односно тоа во реалноста би можело да значи дека и доколку некој полициски службеник е правосилно осуден за кривично дело, тој да може да се врати на работа по издржување на казната.
Со тоа што овој член се брише а не се заменува со друг, ќе значи дека нема законска основа полициски службеник да биде избркан од работа, па дури и ако е правосилно осуден и има забрана за вршење на одредена дејност.