Додик ја откупи едногодишната затворска казна за 18.000 евра
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик ги плати парите за да ја замени едногодишната затворска казна на која беше осуден со правосилна пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит, пренесе Нова.рс.
„Одлучувајќи по барањето на одбраната на осудениот Милорад Додик за замена на изречената затворска казна со парична казна, Судот, согласно законските прописи, донесе одлука со која, по изјавата на Обвинителството на БиХ, беше усвоен горенаведениот предлог на одбраната, а затворската казна на осудениот Милорад Додик беше заменета со парична казна“, соопшти Судот на БиХ.
Додик плати 36.500 конвертибилни марки, или 100 марки за секој од 365-те дена што требаше да ги помине зад решетки. Односно 36.500 конвертибилни марки или нешто повеќе од 18.000 евра. Според важечките прописи, затворска казна до една година може да се откупи со плаќање парична казна.
Покрај затворската казна, на Додик му беше забрането и политичко дејствување во траење од шест години.
Поради овој дел од пресудата, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска. Одлуката на ЦИК денес ја прими неговиот адвокат Горан Бубиќ, кој веќе поднесе жалба. Се очекува Апелациониот совет да донесе одлука за ова прашање следната недела.