Директорот Бобан Утковски реагира на критиките од Кривичниот суд: Затвор Скопје постапува согласно своите можности и капацитети

Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во Затворска полиција, КПУ Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капацитети, вели директорот на затворот Бобан Утковски, по реакцијата од Основниот кривичен суд Скопје за одложените рочишта поради неспроведување на притворени лица.

Утковски информира дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од планирани 19 биле реализирани 16.

-Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во Затворска Полиција КПУ Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капцитети со оглед на тоа што Затвор Скопје врши спровод на притворени и осудени лица покрај Основниот Кривичен Суд Скопје до сите судови и обвинителства низ територтијата на целата држава и тоа Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид, Кочани, наведува тој во соопштението.

Претходно,  Кривичниот суд преку соопштение изрази сериозна загриженост поради одложување на речиси сите притворски предмети во изминатите два дена, иако странките биле навремено повикани. Судот посочи дека меѓу одложените расправи има предмети од Одделот за организиран криминал и корупција, за кои течат рокови и бара итно постапување.

-Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата, наменета за обезбедување на присуство на обвинетите во судските постапки, и не смее да се претвори во казна, стои во соопштението на Судот, кој упати писмено барање до директорот на затворот за преземање неопходни мерки.

Судот во писменото обраќање до директорот вели дека во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат и изразува очекување дека без оглед на причините ваквата состојба да не се повтори

Back to top button
Close