Мицкоски: Можно е гласачкото ливче да биде седум-осум метри

Премиерот Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста да се создадат проблем во изборниот процес, по одлуката да им се дозволи на независните кандидати за советници и градоначалници со само два граѓански потписи да можат да учествуваат на локалните избори во октомври. Тоа ги наметна стравувањата дека може да се зголеми бројот на кандидати и да направи гласачкото ливче да биде долго и збунувачко. Но, според премиерот, ако тоа се случи и изборите бидат неуспешни, Владата има уставно и законско право и можност да именува повереници во општините.

„Се е можно“

„Се е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградба на градинка во Драчево.

Премиерот смета дека „неодговорното однесување на поединци и од поедини политички партии резултира со ваков тип на можности“. „Сега дали тоа ќе се случи ќе видиме за многу скоро од денеска – до 1 септември треба да заврши овој процес и да видиме како ќе биде“, рече Мицкоски.

Можноста со само два потписи на граѓани да се отвори патот на независните кандидати да можат да учествуваат на локалните избори во Македонија, произлезе од новиот правилник кој Државната изборна комисија (ДИК) кој беше усвоен неодамна, по правната празнина што настана откако Уставниот суд во мај укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Овие одредби го одредуваа бројот на потписи што треба да се соберат кога подносители на листа на кандидати се група избирачи, односно граѓански инцијативи.

Дилеми и критики

Членот 18 кој беше укинат од Уставниот суд предвидуваше „кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно  Градот Скопје“.

Ваквиот праг наиде на критики од граѓанските инцијативи, а по неговото укинување остана нерегулирано прашањето колку потписи треба да соберат за да поднесат листи на кандидати за членови на Совет, односно за градоначалник. Поради отсуството на јасни услови, граѓанските инцијативи почнаа да собираат потписи за да се регистрираат како партии, со цел да отворат непречен пат за учество на изборите.

Правни експерти предупредуваа дека одењето од една крајност во друга (од 1% – до нула потписи, или два потписи) не е решение. Без никаков праг, постои опасност од создавање забуна кај гласачите со листи на кои може да никнат позајмени имиња од граѓани слични со имињата на активни и политички етаблирани лица, какви што искуства веќе имаше во минатото. Лавина од кандидати може да доведе до километарски долги гласачки ливчиња, што пак може да доведе до забуна кај избирачите. (dw)

Back to top button
Close