Кинотека ја почнува Филмската училница 2025

Кинотека на Македонија од денеска ја почнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование, на возраст од 11 до 14 години.

Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.

Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости-предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.

Филмската училница 2025 се реализира во рамки на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институции и организации од Македонија (Кинотека на Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка (Крутон) и Словачка (Кино Усмев), со координација на Гете-институтот од Прага.

Фото: Кинотека на Македонија

Back to top button
Close