Партијата на Салиу и официјално во коалицијата „Твоја Македонија“ на Мицкоски
Демократските сили на Ромите (ДСР) ја известуваат јавноста дека вчера, на свечена церемонија во Скопје, претседателот д-р Шабан Салиу го стави својот потпис на документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина”. Со овој чин, ДСР и официјално станува дел од коалицијата „Твоја Македонија”, предводена од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Коалицијата обединува 25 партии кои ја рефлектираат мултикултурната и мултиетничка структура на нашето општество. ДСР влегуваат во ова здружување со силна заложба да го засилат политичкиот глас на ромската заедница и да обезбедат рамноправен пристап до јавните ресурси во сите општини, а особено во Шуто Оризари – единствената ромска општина во светот.
„За нас ова е историска можност: речиси сите општини каде живеат Роми ќе добијат директен партнер и во локалната и во централната власт и јасен пат кон одржлив развој”, изјави д-р Шабан Салиу, претседател на ДСР и кандидат за градоначалник на Шуто Оризари. „Само преку солидарност и обединување ќе ги реализираме проектите што ќе донесат подобра инфраструктура, нови училишта, унапредени здравствени услуги и работни места за нашите семејства.”
Со потпишувањето на Декларацијата, коалицијата „Твоја Македонија” се обврзува на инвестиции во клучни сектори: обновување на улици и водоводна мрежа, изградба на социјални станови, поддршка за локалните претприемачи и зелени технологии. ДСР ќе ја следи секоја фаза од имплементацијата, користејќи интерактивни платформи и јавни извештаи, за да се обезбеди максимална транспарентност и отчетност пред граѓаните.