Таравари: Потврден е изборот на четири кандидати за градоначалници, НАИ има двојна предност пред ВЛЕН

Предноста на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) пред конкурентската ВЛЕН е два спрема еден, изјави денеска лидерот на крилото од партијата Алијанса за Албанците Арбен Таравари, по состанокот на Централното собрание кој се одржа синоќа во Гостивар. Тој потенцира дека за доскорешните сопартијци Азир Алиу и Арбен Фетаи нема да има место.

Таравари оцени дека на локалните избори, коалицијата во која се ДУИ и крилото кое тој ќе го предводи, ќе извојуваат убедлива победа.

„Убеден сум дека на 19 октомври, НАИ ќе излезе со силен резултат на државно ниво. Предноста пред ВЛЕН ќе биде над два спрема еден. Ова не е само очекување, туку многу јасен сигнал и за албанските граѓани и за премиерот за тоа кој ја има вистинската поддршка од Албанците“нагласи Таравари.

На партискиот собир и официјално е потврдено учеството на Алијанса за Албанците во коалиција и кандидатите за градоначалници во четири општини. Станува збор за Ваљбон Лимани за Гостивар, Блерант Рамадани за Сарај, Назим Таипи за Теарце и Исен Шабани за општина Врапчиште.

„Нашите кандидати се почитувани имиња и ќе ја добијат довербата на граѓаните. Целта ни е да победиме во првиот круг во 7-8 општини, каде што меѓу тие општини што ќе бидат освоени во првиот круг се и четворицата кандидати на АА“,рече Таравари.

Потпретседателското место во партијата му беше доделено на Флакрон Беџети, за кој лидерот Таравари рече дека е важна личност и еден од нејзините основачи. Коментирајќи ги политичките конфронтации и поделеноста со доскорешните сопартијци, Таравари потенцира дека за тие што ја напуштиле партијата, нема да има место.

„Еднаш кажав и сега ќе повторам – за Азир Алиу и Арбен Фетаи повеќе нема место во Алијансата за Албанците. Дури и да се покаат, вратата им е затворена. Тие се свесни дека повеќе немаат никаква политичка тежина“рече лидерот на АА

Тој посочи дека со Али Ахмети имале едночасовен разговор на кој биле договорени принципите на соработка, а деталите ќе ги утврдуваат работните групи. Таравари потврди дека се направени избалансирани компромиси за сите партии во рамките на коалицијата НАИ.

Back to top button
Close