ДУИ: Полицијата не е изборен штаб, Обвинителството, МВР и ДИК да го испитаат Изет

Соопштение на ДУИ

Вчера, пред очите на целата јавност, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, призна дека се сретнал со албанските полицајци од Чаир, Сарај и Бутел. Притоа, не негираше дека средбата се одржала во салата на Советот на Општината, во присуство на заменик-министерот за внатрешни работи, Џелал Кока, брат на неговиот зет.

Ова е тежок скандал и директно кршење на законот! Законот за полиција предвидува дека полицијата е независна институција и политички неутрална, која делува единствено во рамките на своите законски надлежности и задачи. Изборниот законик пак, строго ја забранува вклученоста на државната администрација и користењето на јавни ресурси за партиски и изборни цели.

 

Ние како ДУИ јавно прашуваме:

• Во кое својство еден кандидат за градоначалник свикува и среќава полицајци?

• Дали оваа средба се одржала со знаење и одобрение на министерот за внатрешни работи?

• Што било дискутирано и дали било побарано од полицајците да вршат притисок врз граѓаните?

 

Доколку овие обвиненија се потврдат, станува збор за користење на полицијата како политички инструмент, што претставува изборен криминал и тешко нарушување на демократскиот поредок.

 

ДУИ апелира до Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија и Јавното обвинителство веднаш да отворат истрага и да ја информираат јавноста кој ја наредил оваа средба и што било побарано од припадниците на полицијата.

Чаир нема да дозволи заплашувања и закани! Ќе го заштитиме секој граѓанин и секој глас. Изборите на 19 октомври ќе бидат референдум за демократија и слобода, а не за полициската држава на Изет Меџити и неговата клика.

Back to top button
Close