Османи: Изет Меџити мора да си поднесе оставка
Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, денеска упати остри критики до актуелниот министер за животна средина Изет Меџити, обвинувајќи го дека не само што ги користи државните ресурси за сопствена кампања, туку и директно го загрозува здравјето на граѓаните со својата неактивност. Тој го повика Меџити да поднесе оставка.
„Два пати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков. Меџити, наместо да ја напушти функцијата кога влезе во изборна трка, остана министер со полн капацитет и буџет на располагање, нешто што е длабоко неморално и нефер. Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството“, изјави Османи.
Според него, сега постои уште посериозна причина за Меџити да поднесе оставка, а тоа, како што нагласи, е неспособноста да се справи со еколошка и здравствена криза каква што се случи вчера во Трубарево, кога цело Скопје беше обвиено со токсичен чад од горење на пластика и кабли.
„Со тоа што не ја врши работата за која е платен од граѓаните и обидувајќи се политички да преживее, тој го загрозува здравјето на луѓето и тоа не само привремено, туку со долгорочни последици“, нагласи Османи.
Тој додаде дека во ситуација кога јавноста со право очекуваше реакција, инструкции и информации од Министерството за животна средина, Изет Меџити не се појавил ниту пред јавноста, ниту на терен, додека граѓаните во Трубарево морале да се евакуираат доцна во ноќта, а целиот град се задушувал во отровен чад.
„Затоа ова е и повик за неговата оставка. Тој покажа дека не ја врши својата работа како што треба, го загрозува здравјето на луѓето, а притоа ги злоупотребил државните ресурси за изборна кампања“, дециден беше Османи