Отчет на Герасимовски за четири години мандат во Центар: Рекордни капитални инвестиции од 13 милиони евра, работевме транспарентно и посветено

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го презентираше отчетот за реализираните проекти во четиригодишниот мандат, изразувајќи задоволство што Центар денес е општина во која граѓаните се чувствуваат безбедно, достоинствено и почитувано.

„Од самиот почеток се водев од лични и семејни вредности, чесност, труд, солидарност, дијалог и почитување,“ рече Герасимовски.

Во изминатите четири години реализирани се рекордни капитални инвестиции од речиси 13 милиони евра, а долгот е намален за 65 проценти.

Изградена е најубавата детска градинка во државата „Пролет“, со капацитет од над 170 деца, проект целосно финансиран од буџетот на општината, а во ООУ „Коле Неделковски“ се доградени шест нови кабинети и училници, со што е решен повеќедеценискиот проблем во тој дел од Центар.

Обновени и изградени се детски игралишта, спортски терени и парк од 8.000 квадратни метри во Капиштец. Засадени се 2.000 нови садници, а просторот е збогатен со урбана опрема која обезбедува релаксација и хигиенски услови.

Во тек е реконструкција на салата Работнички, рече Герасимовски, нагласувајќи дека во неговиот мандат посебен фокус е ставен врз унапредување и промоција на спортот во општината.

„Ќе имаме сала по ФИБА стандарди, центарци ќе ги вратиме на трибините, а нашиот тим во својот дом, како што е и ред”, рече градоначалникот, истакнувајќи дека се работи за проект на кој со децении се чекаше некој да го направи.

Во насока на енергетска ефикасност, заменети се 5.000 улични светилки со LED осветлување и воспоставена е смарт програма, а основано е и првото општинско претпријатие „Енергија Центар“, кое произведува струја од фотоволтаици за потребите на граѓаните.

Дополнително, реконструирани се 24 улици, поставени се велосипедски патеки и паркинг-зони.

Во културата, буџетот е зголемен од 3 на 13 милиони денари. Посебно внимание е посветено на пензионерите со финансиска поддршка, проектот „Центар се грижи за возрасните“ и бесплатни стоматолошки и офталмолошки услуги.

Герасимовски најави дека во нов мандат ќе воведе бесплатни оброци за учениците од 1. до 4. одделение, ќе изгради дом за стари лица со субвенционирана цена, ќе ја зголеми помошта за пензионерите на 5.000 денари и ќе го возобнови Дебар Маало.

Најави изградба на нова градинка во Центар, нешто што едногласно беше побарано од граѓаните.

Во план е изградба на нова современа административно граѓанска општинска зграда, за која веќе има идејни решенија, а подготовките се во тек.

Сето ова е реализирано отчетно и економично, внимавајќи на секој потрошен денар, потенцираше Герасимовски.

„Работиме во интерес на граѓаните. Во Центар нема да има поделби и гола политика. Приоритет секогаш ми биле и ќе ми бидат нашите центарци. Да се издигнеме над политиката и да им се вратиме на човечките вредности. Продолжуваме уште посилно”, порача Герасимовски.

Back to top button
Close