Десет болни и повредени деца од Газа пристигнаа во Велика Британија на лекување

Критично болни и повредени десет деца од Газа пристигнаа со своите семејства во Велика Британија на лекување, објави денеска британската Влада.

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека учествувала во евакуацијата на десетте деца, а во наредните недели се очекуваат уште.

Децата и нивните семејства прво беа евакуирани од Газа во Јордан, каде што за нив се грижеше персоналот на британската Амбасада и поминаа безбедносни проверки пред да заминат за Велика Британија.

„Овие млади пациенти беа сведоци на ужаси што ниедно дете никогаш не треба да ги види“, рече британскиот министер за здравство Вес Стритинг, додавајќи дека нивното пристигнување „го означува почетокот на нивниот пат кон закрепнување“.

„Продолжуваме да бараме заштита на медицинската инфраструктура и здравствените работници во Газа и значително зголемување на испораката на лекови и потрошен материјал“, рече министерката за надворешни работи Ивет Купер.

Back to top button
Close