ССНМ со целосна поддршка на колегите од Нова.рс

ССНМ изразува целосна солидарност и поддршка за новинарите и медиумските работници од српскиот портал Нова.рс, кои се соочуваат со директно мешање на новата менаџерска структура во уредничката политика на медиумот. Синдикатот предупредува дека наметнувањето уреднички кадар без согласност и консултација со редакцијата претставува сериозна закана за уредничката независност и слободното новинарство во регионот.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразува силна и недвосмислена солидарност и поддршка за колегите, новинарите и медиумските работници од српскиот портал Нова.рс, кои се борат за зачувување на својот професионален интегритет и уредничка автономија.

ССНМ со загриженост го следи развојот на настаните по преземањето на медиумот од страна на новата менаџерска структура на Adria News Network и наметнувањето на нов октроиран главен уредник и заменик-уредник без согласност, доверба и консултација со редакцијата.

Оваа пракса на директно мешање на сопствениците во уредничката политика не е непозната во регионот и претставува сериозен удар врз автономијата на медиумите и директен притисок врз независното новинарство. Правото на новинарите да известуваат слободно, професионално и без притисоци од капитал или политички центри на моќ е основен столб на секое демократско општество.

Менаџментот и новите сопственици на Нова.рс мора да прифати дека новинарите не се обична работна сила, а новинарството не е обичен производ и дека тие се во служба на јавниот интерес. Непочитувањето на волјата на редакцијата и наметнување уреднички кадар ja нарушува меѓусебната доверба и создава клима на цензура и автоцензура.

Ваквите примери на задушување на слободните медиуми имаат пошироко влијание освен во земјата во која се случуваат и затоа апелираме на солидарност и внимателност на новинарските заедници од регионот, бидејќи борбата за слобода е заедничка и иста во секоја земја.

Солидарноста меѓу медиумските работници не познава граници. ССНМ останува подготвен, во рамките на меѓународните новинарски организации (МФН и ЕФН), да помогне во интернационализација на ова прашање и во заштитата на правата и достоинството на колегите од Нова.рс.

Back to top button
Close