ФЕД ја намали основната каматна стапка во САД поради слабиот пазар на трудот
Американските Федерални резерви (ФЕД) за првпат годинава ја намалија основната каматна стапка за 0,25 процентни поради слабиот пазар на трудот, со опсег што сега е помеѓу 4 и 4,25 отсто, соопшти денеска Одборот на гувернери во Вашингтон, јави ДПА.
ФЕД, исто така, соопшти дека сега очекува земјата годинава да има повисок економски раст од претходно очекуваниот, прогнозирајќи зголемување од 1,6 отсто за годинава откако ги ревидираше своите претходни економски очекувања, дадени во јуни, за 1,4 отсто. ФЕД, пренесува ДПА, и натаму очекува инфлацијата годинава да се задржи на нивото од три отсто.
Многу аналитичари го очекуваа ова намалување на основната каматна стапка, откако пазарот на трудот во САД годинава значително ослабе. Претседателот, Доналд Трамп, исто така, жестоко бараше пониска стапка – меѓутоа, тоа негово барање веројатно одигра само мала улога во одлуката на гувернерите, потсетува германската агенција.
Со намалувањето, Советот за утврдување стапките во ФЕД се обидува да најде компромисно решение за зголемените ризици на пазарот на трудот додека инфлацијата расте.
Од 12-те членови со право на глас во ФЕД, 11 гласаа за намалување на каматната стапка за еден чекор, или 0,25 процентни поени. Само сојузникот на Трамп, Стивен Миран, кој беше потврден како привремено решение во одборот на ФЕД на почетокот на оваа недела, се изјасни за поголемо намалување – целосно во согласност со желбите на Трамп, пренесува ДПА.