ЕУ повика на целосно отворање на преминот „Аленби/Крал Хусеин“ меѓу Западниот Брег и Јордан
Европската Унија ја нотира одлуката на Израел за повторно отворање на граничниот премин на мостот „Аленби/Крал Хусеин“ меѓу Западниот Брег и Јордан за патници, но повикува преку него одново да биде дозволен и транзит на стоки, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Израел во вторникот целосно го затвори преминот „Аленби/Крал Хусеин“ во двата правци, но викендов реши да го отвори делумно дозволувајќи преминување само на патници.
– Го повикуваме Израел да дозволи транзит и на стоки. Преминот „Аленби/Крал Хусеин“, како и другите гранични премини, треба да остане отворен за да се овозможи ефикасен хуманитарен одговор. Околу една четвртина од хуманитарните пратки што влегуваат во Газа преку механизмот на ОН доаѓаат преку Јордан, наведува Калас во писмената изјава дадена во име на ЕУ.
Калас наведува дека оваа одлука на Израел доаѓа во време кога копнената офанзива на израелските сили во градот Газа „сериозно ја влошува веќе катастрофалната и неодржлива хуманитарна ситуација, што резултира со ужасен број на цивилни жртви и страдања“.
– Европската Унија го повикува Израел да преземе итни и ефикасни мерки за зголемување на обезбедувањето на итно потребната хуманитарна помош за Газа, вели Калас.
Високата претставничка додава дека Израел има право да се брани, но тоа мора да го прави во согласност со меѓународното право.
– Целосното почитување на меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, е обврска што мора да се почитува. ЕУ повикува на воздржаност и го повторува својот повик за итен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници, додава Калас во изјавата.