Седмо издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ од денеска до 6 октомври
Седмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ почнува денеска и ќе трае до 6 октомври.
– Ќе имате шанса да го проследите добро познатиот коктел од филмови со интернационална и национална селекција, 48-часовниот филмски предизвик, специјална проекција во чест на Илинденка Петрушева, концерт на „Луфтханза“ пред Дом на АРМ, интервјуа, изложби, вкусна храна и внимателно селектирана музичка програма. На наше големо задоволство, покрај кино салата на „Котур“, фестивалот ќе се одржи и на платото пред Дом на АРМ , место од големо културолошко значење за нашиот град, место што претставуваше собиралиште на младата алтернативна сцена, а и еден од ретките, сѐ уште слободни јавни простори во центарот на градот, пишува во соопштението на Кафе и филм „Котур“.
Фестивалот, како што се додава, ќе се одвива во текот на седум фестивалски денови, со две натпреварувачки филмски програми од официјалната и студентската селекција, како и резултатите од 48-часовниот филмски предизвик, специјална проекција на „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева, концертна промоција на албумот „Наше после сe“ од бендот „Занаду“, изложбата „Добредојде, добро те најдов“ на Ана В’чкова, концерт на „Луфтханза“, концерт на „Hot Jazz Orkestar“ и музичка селекција од Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Никола Димитријеќ (Double G), Бојан Јанев (Soul Case).
– Официјалната филмска програма вбројува доста скопски премиери на домашните филмови, „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ, „Избор“ во режија на Марко Црногорски, „Остров“ во режија на Бранко Костески, „Зајак“ во режија на Ханис Багашов и „Сенките на месечината“ во режија на Тина Величковиќ, се истакнува во соопштението.
Распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата dzirnifestival.com.
Влезот за целосната програма на „Ѕирни 7“ е слободен.