Украина: катастрофалната грешка на нашиот сојуз на демократии


Денко Малески

Самитот на НАТО од 2008 во Букурешт го паметиме по тоа што наспроти желбата на претседателот на САД Џорџ Буш Република Македоноија да стане членка на сојузот, тоа не се случи. Повторувајќи до последниот момент дека Хрватска, Албанија и Македонија се идните членки на НАТО, американскиот претседател, во име на единството на сојузот, сепак мораше да капитулира пред притисокот на Грција.Карикатурата која осамна утредента во западнитот печат го прикажа Буш како антички воин со копје и штит во судир со модерен тек на кој се вее грчкото знаме.Преокупирани со својата судбина, малкумина кај нас обрнаа нвнимание на една друга одлука на самитот во Букурешт која 14 години подоцна ќе предизвика војна во Европа. Имено, на самитот беше кажано и запишано дека Украина ќе биде идната членка на НАТО. За таа одлука, Ангела Меркел, германската канцеларка, ќе рече дека е рамна на објавување на војна на Русија. Сепак, таа и Саркози, францускиот претседател кој беше на истото мислење, не се спротиставија со вето и решија да го следат американското водство.Тука почна кризата во односите меѓу Америка и Русија.
После распадот на Советскиот сојуз и на Варшавскиот пакт, со светот завладеа една супер сила – САД. Американската надворешна политика, од 1991 натаму, почна да ја вообликува Европа ( но и светот) според својот демократски имиџ. Идеализмот што завладеа, оној за „крајот на историјата“ и дефинитивната победа на либералната демократија, стана водилка на американската надворешна политика. Во одсуство на друга голема сила која би и се спротиставила, патот беше чист за американската либерална хегемонија не само врз Источна Европа туку и врз светот. Убедени во дефинитивната победа на демократијата, политичарите не мораа да мислат на лекциите на реалистите дека мирен е само свет во кој што нуклеарните сили се задовони со статус квото. Немаше ниту причина за тоа, зашто Америка беше единствената голема сила тогаш. Русија беше економски девастирана земја без шанса да се спротистави на волјата на Америка да го шири НАТО (и да ја зголемува својата моќ) во цела Источна Европа вклучувајќи ја и Украина. Освен да влезе во самоубиствена нуклеарна војна што никоја разумен не би го посакал. Конечно, и нивниот прв претседател Јелцин беше за капиталистичка и демократска трансформација на руската држава која западна во политички хаос, во анархија. Дотаму што, Јелцин, после обидот да му се спротистави, нареди да се гранатира парламентот со сите пратеници во него. Путин, кој го налсди, отиде дотаму да побара мислење од Клинтон за членство на Русија во НАТО, како начин да се осигура безбедноста на државата. Одговорот беше негативен зашто Америка знаеше дека оваа земја е преголема за да ја толерира американската хегемонија на начин на кој тоа го прават помалите европски сојузници.
Притоа, третирана како бензинска пумпа со нуклеарно оружје, Русија, во очите на Западот, го загуби правото да се меша во одлуките на народите од своето најблиско соседство. Заборавена беше една од првите лекции на реалистите дека мораат да се земат безбедносните стравови на другата страна ако се сака мир меѓу нуклеарните држави. И се додека Русија беше слаба, Америка не мораше да ги зема предвид нејзините безбедносни грижи. Дека таа еден ден, откога ќе се консолидира економски и воено, успешно ќе се спротистави на економски санкции, ќе изгради моќна и добро вооружена армија и ќе се закани со нуклеарна војна доколку не бидат земени предвид нејзините интереси, никој не ни помисли.
Америка продолжи со проширувањето на НАТО. Така, во неколку последователни бранови, наспроти приговорите од Москва и ветувањата од Западот во деведесеттите дека НАТО нема да се прошири на исток “ ниту за еден инч“, претседателот Клинтон го отпочна процесот на проширување на сојузот кон границите на Русија: во 1999 беа примени Полска, Унгарија и Чешка. Во 2004 Бугарија, Романија, Словачка,Словенија,Естонија, Латвија, Литванија. Во 2009 Албанија и Хрватска. Во 2017 Црна Гора а во 2020 Северна Македонија. Протестите на Путин беа фрлани во кош.
Но, Русија ја постави дефинитивно својата црвена линија на НАТО проширувањето со Украина и кога продолжи тој процес изврши инвазија на земјата во февруари 2022. И најголемите критичари на политиките на Америка и на Европа ја осудија руската агресија, но додека некои, до ден денешен, останаа само на осуда, други се обидоа да ги објаснат причините за војната. Реалистите во меѓународната политика повторно стапија на сцена како и секогаш кога ќе избие судир помеѓу големите сили и реалноста ќе ги потврди нивните тези за улогата на силата во светската политика. Имено, оваа теорија објаснува дека анархичната структура на меѓународниот поредок на држави, го поттикнува натпреварот за моќ зашто во случај на невоља, не постои светска влада на која државата може да се обрати. Тоа што некогаш овие судири резултираат со војна е трагичната судбина на политиките на големите сили: самиот анархичен систем произведува борба за моќ поголема од онаа на ривалската сила. Како еден вид политичка физика. Но, во нуклеарната ера во која што живееме, војна не смее да биде опција зашто сите завршуваат во прав и пепел, во буквална смисла на зборот.
Сегашната закана од нуклеарен конфликт околу Украина може да се отклони само ако Западот ги препознае легитимните грижи на Русија за својата безбедност. Но нашите умови сеуште мислат како да сме во униполарниот момент, кој, патем кажано, беше толку добар кон Македонија, а не во еден нов мултиполарен свет во кој моќта не е само во еден центар туку во неколку. И додека Русија и Кина размислуваат со аршините на својата безбедност и правото да употребат сила во случај на „егзистенционална закана“, ние мислиме со аршините на правото на сите народи самите да определат на каков сојуз сакаат да му припаѓаат, на неповредливоста на границите на суверените држави, биле тие големи или мали и на Минхен 1938 кога Чемберлејн му попуштил на насилникот Хитлер кој, ќе се покаже набргу, сакал да завладее со Европа. Трамп, од сите луѓе, инстиктивно ја разбира опасноста од нуклеарна војна и сака да ја избегне, кажувајќи нешто што ретко кој политичар во Америка и во Европа би го кажал денес: дека војната е испровоцирана со политиката на проширување на НАТО со Украина. Но, тој ја нема поддршката на државните структури во земјата ниту на сегашните европски политичари. Сите тие зборуваат за „со ништо неиспровоцирана агресија“ на Русија врз Украина. Зборуваат и за намерите на Русија да ја окупира цела Источна Европа, па и Западна, што е чиста измислица. Едноставно, Русија ја нема моќта да го онови Советскиот сојуз а камоли да ја освои цела Европа. Да не го сакаш СССР значи да немаш срце, да сакаш да го обновиш значи да немаш памет, вели Путин.

Back to top button
Close