Обвинителството подигна обвинение и бара продолжување на притворот за битолчанецот кој ја давеше девојката и избега
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против едно лице за телесна повреда при вршење семејно насилство, откако осомничениот физички ја нападнал својата девојка во нивниот дом.

Според обвинението, на 10 ноември, по вербална расправија, обвинетиот ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари, а потоа ја стегал за вратот и устата. Со нападот ѝ нанел површинска телесна повреда, како и неколку нагмечувања и крвни подливи.
Од Обвинителството информираат дека против лицето во текот на постапката за прибирање докази била определена мерка притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на насилното однесување.
Како дополнителен ризик биле земени предвид информациите дека обвинетиот непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена бил недостапен за надлежните органи.
Бидејќи јавниот обвинител смета дека ризиците и натаму постојат, со обвинителниот предлог до судот е доставен и предлог за продолжување на притворот.
Лицето се товари за кривично дело „Телесна повреда“ според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.





