Семејно насилство во Куманово: Татко истурил две шишиња бензин во домот, се заканувал дека ќе ги запали ќерката и внуката
54-годишен маж е осомничен дека им се заканувал на сопствената ќерка и внука дека ќе ги запали, а потоа истурил две шишиња бензин во домот.

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против осомничениот за кривичното дело загрозување на сигурноста и побара од судот да му биде определен притвор.
Особено загрижува фактот што против истиот маж веќе се води судска постапка за семејно насилство, односно за нанесување телесна повреда на неговата ќерка. Според Обвинителството, претходниот напад го извршил под дејство на алкохол.
Овојпат, според сомневањата, заканите не останале само на зборови. Мажот се заканувал дека ќе ги запали ќерката и внуката, по што истурил две шишиња бензин во домот.
По пријавувањето на случајот, надлежните итно изготвиле проценка на ризик, која покажала сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство.
Обвинителството оценило дека постои реален ризик осомничениот повторно да изврши насилство, но и да ги оствари заканите и да стори уште потешко кривично дело.
Поради сериозноста на заканите, повторувањето на насилничкото однесување и опасноста за семејството, јавниот обвинител оценил дека поблагите мерки не би биле доволни за заштита на жртвите.
До надлежниот суд е доставен предлог за определување притвор на 54-годишниот кумановец.





